Полска одигра супер-ефикасно и ја изненади фаворизираната Австрија

Ако на првиот денешен натпревар во Братислава, селекцијата на Германија очекувано славеше над Белорусија (33-29), во вториот Австрија не ја оправда улогата на фаворит против Полска и загуби со убедливи 31-36.

Иако сите очекувања беа дека еден од домаќините на претходното Европско првенство без многу проблеми ќе ја запише првата победа на континенталниот собир, сепак Австрија наиде на супер-разигран и расположен противник, кој со 36 постигнати гола ги освои првите бодови на шампионатот.

И Полјаците со ковид-проблеми и без неколку ракометари од планираниот ростер отпатуваа на овој шампионат, но и покрај тоа избраниците на Ромбел прикажаа одлична игра против Австрија и заслужено им се радуваат на првите бодови во групата Д. По израмнетиот старт, во продолжението Полска го презеде водството и искусно ги користеше сите шанси. На полувреме имаше позитива од три гола, која што со одлична игра во финишот ја двојно ја зголеми за конечна победа..

Блескава партија во Братислава имаше асот на Киелце, Аркадиуш Морито со девет постигнати гола, Дашчек, Сицко и Крајевски постигнаа по шест, додека вардарецот Валчак запиша два гола. Кај поразената селекцијата се истакна Фримел со осум погодоци, а еден гол помалку постигна Пош.