Полска и Шведска ќе го организираат ракометниот Мундијал во 2023 година

Интернационалната ракометна федерација (ИХФ) ги избра Полска и Шведска за домаќини на Светското првенство во 2023 година во машка конкуренција.

Домаќини на Мундијалот, што ќе се игра од 11 до 29 јануари 2023 година, ќе бидат Гетеборг, Малме, Стокхолм, Кристанштад и Јоншепинг во Шведска, додека градовите домаќини во Полска ќе бидат одредени оваа есен.

Финалето предвидено е да се одржи во Стокхолм во „Теле2 Арена“, која има капацитет од 20.000 гледачи. Ждрепката ќе биде извршена во Полска во јануари идната година. Домаќините и бранителот на трофејот Данска веќе имаат обезбеден настап, а останатите ќе играат квалификации.

Полска за првпат ќе биде домаќин на Светско првенство во ракомет, додека Шведска по петти пат ќе организира ваков голем собир.