• Иван Димовски
Ракометарите на Охрид ќе го дочекаат Олимпијакос во реваншот од четвртфиналето во Европскиот куп на ЕХФ.
По победата на гости од пет разлика, сега пред „гладијаторите“ е мисија да се одбрани и потврди триумфот во Атина. Охриѓани имаат капитална предност која не треба да ја испуштат. Во текот на седмицата сè беше подредено на европскиот настап, па дури и на дербито со Вардар истрчаа со втор тим преполн со младинци.
Тренерот Борис Ројевиќ најави дека по враќањето од Атина имале и одредени проблеми со повреди, па останува да се види на кои играчи ќе може да смета на средбата. Олимпијакос со сигурност нема да се предаде и ќе дојде во Охрид со цел и мотив да го сврти двомечот во своја корист, па јасно е дека нема да биде лесно.
Навивачите својата задача си ја завршија, салата „Билјанини Извори“ ќе биде полна, а сега на ред се ракометарите да одговорат и да испишат нова клупска историја со пласманот во полуфиналето. Средбата во Охрид се игра во терминот од 18:00 часот.
Целта на Охрид е трофејот во ЕХФ Купот кој и лани го освои македонски претставник, Алкалоид.


