• Иван Димовски

Црна дамка на вечното дерби меѓу Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер фрлија одново навивачите. Неприкладното однесување на двете навивачки групи доведе до прекин, хаос и незапаметени сцени на трибините. Дербито кое требаше да биде празник на ракометот, многу лесно се претвори во хорор.
Покрај хаосот на трибините, каде што „Чкембари“ удрија со пиротехника кон обичната публика, дојде до немири и на теренот, бидејќи „Комити влетаа на теренот во обид да дојдат до ривалите. Откако беа спречени, ситуацијата се смири и се направија минимални услови за продолжение на мечот. Сепак, до нова драма дојде по крајот на натпреварот.
„Чкембари“ беа детално проверувани и 18 лица беа приведени поради нарушување на јавниот ред и мир. Полицијата ги идентификуваше сите кои ја напуштаа салата и оние кои се сомничеа за „напад“ над обичната публика завршија во станица.
Во оваа ситуација, „Комити“ одново покажаа дека навивачкиот кодекс постои. Прво во полициската страница испратија храна и вода за уапсените, а потоа им организираа и превоз назад до Битола. Слична ситуација имаше и на ланското дерби, кога еден навивач на „Чкембари“ заврши во притвор, за потоа неколку скопјани да го вратат до Битола во ноќните часови.
Во дербито, Вардар направи сериозен исчекор кон титулата, бидејќи со седум гола разлика патува во Битола за реванш дуелот со Еурофарм Пелистер на шести мај.