Полјаците сакаат да бидат привилегирани: Една „вајлд-карта“ за СП мора да има за нас

Ракометната селекција на Полска е една од четирите „ривали“ на Македонија за „вајлд-карта“ за следниот ракометен Мундијал, кој во Египет треба да се одигра на почетокот на следната година. 

Откако ИХФ ги објави 28-те селекции кои досега обезбедиле учество на Светското првенство, најави дека две европски селекции ќе добијат специјална покана, а Полјаците сметаат дека една мора да заврши на нивна адреса. 

„Секогаш постои шанса за вајлд-карта, но во овој момент има и други квалитетни репрезентации кои се борат за место на Мундијалот, па затот се плашам дека Полска можеби нема да ја биде избрана. Не знам под кои услови ИХФ и ЕХФ ќе решаваат, но мислам дека Полска како домаќин на Светското првенство во 2023 година треба да биде во привилегирана позиција“, вели поранешниот полски репрезентативец Кжиштоф Лијевски. 

Од друга страна пак ако се гледа пласманот на селекциите на последното Европско првенство, во најповолна ситуација треба да биде Македонија, затоа што турнирот го заврши пред останатите конкуренти (15-то место).