• Горан Упале

Охрид повеќе од една седмица живееше за ракометот. Победата во Татабања во првиот натпревар од финалето во ЕХФ Европскиот Куп само дополнително ја подигна атмосферата кај охриѓани, но она што се случуваше на денот на реваншот беше вистинска еуфорија.
Салата „Билјанини Извори“ беше центарот на сите случувања во градот покрај езерото. Уште два часа пред почетокот на натпреварот, просторот околу салата беше исполнет со навивачи, а фан-зоната обоена во сино-бело. Со песни, знамиња и насмевки, охриѓани се загреваа за најважниот натпревар во клупската историја, а секој чекор водеше кон еден ист сон – европски трофеј.
Трибините беа исполнети до последното место уште еден час пред стартот, а атмосферата беше незаборавна. Тренерот Борис Ројевиќ најдобро ја опиша со еден збор – бразилска.
„Атмосферата беше неверојатна денес – бразилска. Уште додека бевме во соблекувалната се слушаа песните на навивачите, не ни се веруваше што се случува во салата“, изјави Ројевиќ.
Но, вистинската победа на Охрид не се мери само со резултатот - Охрид победи и на трибините. Повеќе од три часа, навивачите без престан го бодреа својот тим. Од најмладо до највозрасно, сите беа дел од една заедничка приказна која ќе се памети долго.
Она што го прави овој настан уште поголем е фактот што сè помина во фер и спортска атмосфера, без ниту еден инцидент. Во салата имаше и навивачи од Унгарија кои достоинствено го бодреа својот тим, а на крајот беа испратени со аплауз – гест кој говори за големината на охридската публика.
Организациски, Охрид речиси совршено си ја заврши работата. Финалето помина без ниту една дамка, со врвна атмосфера и пример како треба да изгледа еден спортски спектакл.
Токму затоа, ова финале не е само спортска победа – туку лекција. Лекција за тоа како треба да се навива, како се сака клубот и како Македонија може да изгледа кога спортот е празник, а не проблем.
ФОТО: ЕХФ (Анамарија Момироска)

