„По секоја логика Вардар и Пелистер ќе играат во СЕХА и следната сезона“

На половина од четвртфиналната фаза, регионалната СЕХА лига во ракомет се прекина заради пандемијата од ковид-19 и неизвесно е дали и кога ќе продолжи. Шпекулациите велат дека завршниот турнир во Задар ќе се игра во септември, на почетокот од сезоната 2020/21.

Претседателот на лигата, Михајло Михајловски за Gol.mk откри каква е идејата на натпреварувањето следната сезона.

„Според секоја логика Македонија и во следната сезона во СЕХА лигата ќе ја претставуваат Вардар и Еурофарм Пелистер. Тоа се нашите најдобри, најквалитетни и најдобро организирани клубови“, вели Михајловски.

Интенцијата на СЕХА лигата е и следната сезона да се игра со дванаесет екипи, поделени во две групи. Сепак, се разгледуваат и други системи ако биде неопходно.

„Наша идеја е да продолжиме како и минатата сезона. Точно е дека разговараме со повеќе клубови, за да биде лигата компетитивна. Но, ние имаме свои критериуми, играчки, организациони, инфраструктурни и ќе се раководиме по нив. Секоја екипа која сака да игра во нашата лига мора да ги почитува тие критериуми. Што се однесува до кинеската екипа, Пекинг Универзитет, можам да ви потврдам дека имаме договор со оваа екипа и за следната сезона“, ни рече Михајловски. 

Вардар ќе ја брани титулата и во продолжението на сезоната, а најсериозен кандидат за преземање на приматот има во унгарскиот гигант Веспрем