По подолго време Кузмановски нема да игра на европска сцена

По подолго време македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски нема да биде дел од европската ракометна сцена, затоа што неговиот нов клуб Хановер го откажа своето учество во новоформираната Лига на Европа. 

Бундеслигашот, иако имаше директно учество во групната фаза на ова натпреварување, се реши да се повлече и во следната сезона ќе се натпреварува само во домашните шампионати. 

Како што информираат од Хановер, причината за оваа одлука е финансиската состојба во која се наоѓа клубот, но влијателен фактор бил и здравствениот ризик поради сè уште нерешениот проблем со коронавирусот во Европа. 

Тоа значи дека Кузмановски по подолго време нема да се бори за европски трофеј, откако во минатото како член на Металург, Еурофарм Работник и Магдебург беше дел од Лигата на шампионите и ЕХФ Купот.