• Горан Упале

Ракометарите на Вардар 1961 им се вратија на победите по тешкиот пораз од Висла Плоцк во Лигата на шампионите и славеа на гостувањето кај Струга со 24-33, за шести триумф од исто толку натпревари во домашната Суперлига.
„Црвено-црните“ ја оправдаа фаворитската улога и уште во првото полувреме направија солидна предност. Вардар на паузата замина со водство од 13-16, а во продолжението дополнително ја засили играта и не ѝ дозволи на Струга да се надева на неизвесна завршница.
Скопскиот тим беше уште поубедлив во вториот дел, во кој постигна 17 гола, за на крајот да стигне до убедлива победа од девет гола разлика.
За шампионот се истакна летното засилување Фадухил со девет гола од десет обиди, седум имаше Митровиќ, а еден помалку постигна Јака Малус. Кај Струга убедливо најдобар поединец беше Никола Јукиќ со девет гола.





