По ЕП, СП и ОИ, најдобрите македонски судии добија и финале во ЛШ!

Европската ракометна федерација ги делегира арбитрите за „фајнал-фор“ турнирот во Лигата на шампионите. Огромна чест добиваат најдобрите македонски судии Славе Николов и Ѓорѓи Начевски, кои се делегирани за финалето на елитното европско натпреварување.

Ова значи дека нашите арбитри ќе го комплетираат „кругот“. Досега тие делеа правда во финалиња на Европско и Светско првенство, како и на Олимписки игри, а сега ќе имаат чест и во Лигата на шампионите.

Мечот за трофејот во Лигата на шампионите ќе се одигра на деветти јуни во 18:00 часот во „Ланксес Арената“. Ден порано ќе се одиграат полуфиналињата. За мечот меѓу Магдебург и Алборг се избрани сестрите Шарлот и Џули Бонавентура, а за европскиот класик меѓу Барса и Кил португалските браќа Роберт и Даниел Мартинс Акото. 

Мечот за третото место ќе го судат Адам Биро и Оливер Кис од Унгарија, како увертира за големото финале на кое на центарот ќе застанат Николов и Начевски.