• Саше Љолес
Барселона со убедлива победа го започна настапот на Светското клупско првенство во Египет. Актуелниот светски шампион славеше против бразилскиот Пињеирос со 44-33 и без поголеми проблеми ја оправда фаворитската улога.
Каталонците од самиот почеток наметнаа силно темпо и брзо создадоа предност. Во еден момент Барселона водеше и со шест гола, а на полувреме замина со 23-16.
Пињеирос во вториот дел се обиде да се врати во натпреварот, но Барселона не дозволи изненадување. Предноста повторно почна да расте, а во еден момент достигна и 12 гола.
Најефикасен кај победникот беше Дика Мем со 11 погодоци, додека Оскар Грау постигна осум. Кај Пињеирос најпрецизни беа Габриел Реис и Роналд Матеус Лима де Соуса со по шест гола.
Барселона со овој триумф направи важен чекор кон освојување на првото место во групата А. Во следното коло каталонскиот тим ќе игра против египетскиот Замалек, а потоа го очекува дуелот со мароканскиот Монтда.
Само победникот на групата ќе обезбеди место во финалето, кое е закажано за први октомври.




