ПИК Сегед во завршницата ја „скрши“ Висла Плок и обезбеди предност пред реваншот

ПИК Сегед

Во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите, Висла Плок попушти во завршницата и во еден супер интересен меч загуби на свој терен од ПИК Сегед (20-22). Унгарскиот првак се наоѓа на чекор до дуел со Вардар во четвртфиналето и соочување на Кањељас и Македа со поранешната екипа.

Домашниот тим не успеа да ја прекине серијата порази во низа на домашен терен од денешниот противник. Мечот го красеше израмнета игра во првото полувреме и во поголемиот дел од второто. На крај решаваа нијанси, а истите му донесоа среќа на унгарскиот претставник кој со минимална предност ќе го дочека реваншот пред своите гледачи.

Во ниту еден момент, една од екипите не направи повисока разлика од два гола. Тоа беше потврда за одличната одбрана која што беше поставена од двата стратези. Сепак, на крај победник излезе гостинот, но ако се суди според случувањата на денешната средба, двомечот и името на патникот во четвртфиналето ќе бидат неизвесни до самиот крај. Кањељас со шест гола беше најефикасен во победничкиот тим, а Де Толедо и Дашин со по пет погодоци се истакнаа кај Висла.

Подобриот од овој дуел во следната фаза ќе игра против ППД Загреб или Вардар. Првиот меч меѓу овие два тима му припадна на македонскиот првак кој одигра феноменално и си замина дома со висока предност од дури девет гола разлика.