• Иван Димовски
Унгарски ПИК Сегед не се шегува и промовира ново име за следната сезона. Нов ракометар на овој тим од први јули ќе биде новата норвешка ѕвезда Магнус Род.
26-годишниот десен бек парафира двегодишна соработка со ПИК Сегед, а доаѓа од редовите на Колштад. Во норвешкиот тим Род настапува од почетокот на оваа сезона, а претходно беше долги години дел од Флензбург. По потписот за унгарскиот гигант, Норвежанецот не го криеше задоволството.
„Многу сум возбуден за новиот предизвик кој ќе го започнам следното лето. Сегед е клуб кој го почитувам, уживав многу пати да играм против нив. Лично, гледам напред и едвај чекам да почнам со новите соиграчи. Се приклучувам на амбициозен клуб, со високи цели и амбиции за иднината. Се надевам дека ќе успееме да ги исполниме целите“, изјави Род.
Потписот со Род доаѓа откако ПИК Сегед веќе ги промовира Тобиас Тулин, Јанус Смарасон, Лазар Кукиќ и Жереми Тото. Шпекулациите велат дека Унгарците нема тука да застанат, туку сакаат да изградата „дрим-тим“ кој ќе владее во Европа. Според најавите, ПИК Сегед веќе работи на доведување на ѕвезди од типот на Џим Годфридсон, Доминик Мате, па дури се сонува и за Сандер Сагосен.