ПИК Сегед немоќен во Нант, драмата меѓу ГОГ Гудме и Динамо без победник

Како предигра на дербито на денот во Лигата на шампионите меѓу Барселона и Киелце, во терминот од 18:45 часот се одиграа два натпревари од второто коло во новата сезона во ракометната елита.

По болниот пораз во воведното коло и 40-те примени гола од Киелце, екипата Нант ја впиша првата победа по враќањето во Лигата на шампионите, откако минатата сезона настапи во Европската лига. На свој терен францускиот тим беше поуспешен од ПИК Сегед, победувајќи го со сигурни 35-30. Натпреварот пред полните трибини во Нант беше решен кон средината на вториот дел, кога домашните ракометари влегоа во посакуваната серија и создадоа предност која што беше недостижназа унгарскиот шампион.

Во таборот на Нант прв стрелец беше Валеро Ривера со десет погодоци, четири имаше Персон, додека екс-вардарците Македа и Тото забележаа по два гола. За ПИК Сегед најпрецизен беше Радивојевиќ со девет погодоци.

Во Данска, екипите на ГОГ Гудме и Динамо Букурешт одиграа борбен и крајно неизвесен натпревар, кој на крај заврши со поделба на бодовите. Во поголемиот дел од дуелот домаќинот ја имаше предноста во свои раце, највисоко се искачи на +6, но на крај попушти и се доведе во ситуација да се спасува од пораз (38-38).

Вернсдорф и Питлик со по девет погодоци се истакнаа кај ГОГ, Гудме додека за Динамо прв стрелец беше Акименко со седум постигнати гола.