ПИК Сегед не сочува сили за финишот, Флензбург закажа четвртфинале против Барселона

ПИК

Екипата на Флензбург ја сочува предноста од првиот дел и со пораз на гости кај ПИК Сегед (36-35) обезбеди четвртфинална фаза во Лигата на шампионите.

Бундеслигашот започна со серија од три гола, водство кое го одржуваше во поголемиот дел од првото полувреме. Домашниот тим одговори со своја серија и успеа да се врати со помош на публиката. На пауза се замина со минимална предност за Флензбург (17-18), кој го започна мечот со залиха од четири гола од домашниот натпревар.

ПИК Сегед продолжи ефикасно и во продолжението. Тоа ѝ овозможи на екипата на Хуан Карлос Пастор да го преземе водството и да се надева на пресврт. Во 43. минута првпат поведе со два гола, што го натера гостинот да повика тајм-аут. Домашниот тим стигна до „плус три“, но немаше сили во завршницата целосно да ја анулира негативата од првиот меч. 

Најефикасен на мечот беше Хампус Ване со девет гола за гостите, а одличен беше и Џим Готфридсон со седум реализации. Кај домашната екипа со шест погодоци се истакна Себастијан Фримел. Флензбург успеа да го добие двомечот, а во рамките од четвртфиналето ќе има тешка задача да ја елиминира Барселона.