• Горан Упале

По поразот од Веспрем, на отворањето на новата сезона во Лигата на шампионите, еден од кандидатите за трофејот во елитата, Пари Сен Жермен, ја запиша четвртата победа во низа, откако на гости кај Динамо Букурешт славеше со убедливи 29-36.
Францускиот гигант уште во првиот дел ги реши сите дилеми околку прашањето на победникот на натпреварот во Романија. Избраниците на Раул Гонзалез во првите 30 минути постигнаа дури 22 гола и си создадоа залиха за мирно второ полувреме. Пранди со осум погодоци беше прв стрелец на „светците“ на овој меч, а солиден беше и поранешниот вардарец Кристопанс со пет гола. За Динамо се истакна Акименко со седум гола.
Унгарскиот шампион ПИК Сегед конечно го „скрши мразот“ во елитата и до првата победа стигна дури во петтото коло. Во Унгарија со убедлив пораз си замина Елверум (30-23), тим кој сега е останува единствен во групата Б без триумф. Тонесен со седум и Роста со шест гола беа најпрецизни во таборот на Сегед, додека за норвешкиот шампион најпрецизен беше Бломгрен со пет погодоци.
На последниот натпревар кој што започна од 18:45 часот, екипите на Динамо Загреб и Висла Плоцк го поделија пленот, со резултат 26-26. Тимур Дибиров беше предводник на „плинарите“ и мечот го заврши со шест гола, а на спротивната страна седум постигна Серџо.