ПИК Сегед ја доби првата епизода во борбата за четвртфинале против Киелце

Ракометарите на ПИК Сегед направија чекор кон четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако на домашен терен го совладаа Киелце со 26-23 во првиот натпревар од осминафиналната пресметка.

Дуелот во Сегедин понуди голема неизвесност и цврста борба во текот на сите 60 минути. Двете екипи постојано се менуваа во водство, но ниту една страна не успеваше да се одлепи резултатски, па натпреварот влезе во драматична завршница.

Херој на унгарскиот состав беше искусниот голман Роланд Миклер кој собра 16 интервенции. Што се однесува до стрелците, кај домашните се истакна Лазар Кукиќ со шест гола, а исто толку имаше и Пјотр Јаросиевич од Киелце.

Реваншот во Полска ќе се одигра на 8 април во 20:45 часот. Подобриот од двомечот во четвртфиналето оди на мегдан со европскиот првак Магдебург.