• Иван Димовски
Ракометарите на ПИК Сегед поведоа во финалната серија на унгарското првенство против Веспрем, откако славеа со 31-25 (15-11). Во серијата подобар од три натпревари, избраниците на Хуан Карлос Пастор веќе се на чекор до титулата.
Денешниот меч на домашен паркет мина во знакот на ПИК Сегед. Уште во првиот дел по израмнетиот старт следеше одлепување и висока предност, за на одмор да се замине со 15-11. Кога се очекуваше налет на Веспрем во второто полувреме, домаќините демонстрираасила и не дозволија такво нешто, напротив, ја зголемија предноста и рутински победија.
Запазен настап имаше голманот Роланд Миклер со 13 интервенции. Најдобри стрелци беа Мачковшек и Блонц со по шест погодоци, додека кај гостите се истакна Шмит со четири.
ПИК Сегед има шанса првпат во историјата да освои трета титула во низа. Од друга страна, може да се случи Веспрем првпат да остане без титула четири години по ред, што не било случај од 1991 година наваму.