ПИК Сегед го среди Елверум и му направи услуга на Вардар во ЛШ

Ракометарите на ПИК Сегед се радуваа на победа на гостувањето кај Елверум од 24-27 (12-13) во рамките на 13. коло на Лигата на шампионите. Унгарскиот тим му направи услуга на Вардар и го смали притисокот во пресрет на меѓусебната пресметка против Елверум во Скопје која ќе одлучува за пласманот во групата А. 

Норвежаните отворија одлично, поведоа со 3-0 и иако гостите се вратија бргу, изгледаше дека можат да го одржат чекорот. ПИК Сегед беше во константна негатива сè до пред крајот на полувремето, кога по надигрувањето успеа да поведе и да замине на пауза со 12-13. Како што заврши првиот, така почна вториот дел. Играјќи гол за гол двата ракометни колективи најавија тензија во продолжението. Сепак, Елверум прв попушти и со неколку мини-серии гостинот од Унгарија поведе со највисоките +4. Оваа предност избраниците на Пастор успеаја лесно да ја одржат и на крајот славеа во Норвешка. 

Синдре Хендал од Елверум беше најефикасен на теренот со седум реализации, една повеќе од Себастиен Фримел. Меѓу голманите добра партија имаше Миклер кој собра 13 интервенции, додека во домашниот табор Имсгард и Фриес поделија по шест.

По поразот Елверум остана на бод зад Вардар, иако скопскиот тим има натпревар помалку (одложениот со Мешков Брест). Дури и да не добие бодови, македонската екипа и со реми против Елверум на деветти март ќе заврши над нив во групата А.