ПЕТТО ЕП ВО НИЗА: Македонија „на мускули“ подобра од Турција!

Македонија победа

Репрезентацијата на Македонија обезбеди пласман на Европското првенство 2020 откако денес победи на гостински терен кај Турција (25-26) во петтото коло од квалификационата група. 

Нашиот национален тим го доби и вториот меѓусебен дуел со турската селекција и сега ќе го обезбедува првото место во групата против Грција в недела во Струмица.

Нашата одбрана, на чело со Борко Ристовски, одигра одлично во првите 15 минути од натпреварот. Капитенот Кирил Лазаров отвори со гол за 1-1, а по еден празен период на двете страни, следуваше најдобриот момент за македонските ракометари во воведниот дел. Тие направија серија од 5-0 и стигнаа до прво чувствително водство.

Замената за Дејан Манасков, Бојан Маџовски, погоди двапати во неколку минути и беше најзаслужен за предноста од 4-8. Турскиот селектор веднаш повика минута пауза, а тоа помогна да се подобри нападот на противникот. Домаќинот се доближи на -1 (9-10) на пет минути до крајот, па Данило Брестовац возврати со свој тајм-аут.

Кризата на Македонија продолжи, а Турција успеа да направи целосен пресврт и да врзе пет гола во низа во завршницата од полувремето. Гоце Георгиевски со третиот погодок конечно ја затресе турската мрежа, но домашната репрезентација реализираше во последните секунди за 13-11 по првите 30 минути.

Голманот Јунус Озмосул започна фантастично во воведот на второто полувреме. Само Лазаров имаше можност да го совлада двапати, но проблемот кај нашата селекција беше играта во одбрана. Никако не можевме да се вратиме во игра и постојано бевме во негатива од 2-3 гола. 

Ефикасноста на домашните репрезентативци за нијанса се намали, а тоа го искористи нашата репрезентација за да израмни и да најави возбудувања во финишот. Филип Кузмановски вторпат се запиша во листата на стрелци и донесе 21-21. Никола Митревски се разбрани, а Лазаров направи пресврт од пенал и донесе радост за нашата клупа.

Кузмановски и Талески ја презедоа одговорноста во завршницата и ги постигнаа головите за конечна победа на македонската репрезентација. Митревски на една секунда до крајот оствари интервенција за потврда на позитивниот резултат и тешкиот триумф во Ескишехир со 25-26.

Капитенот Лазаров со седум погодоци и Филип Талески со пет гола беа најефикасни во македонската селекција. Пеливан со десет гола и голманот Озмосул со 16 интервенции се истакнаа во жилавата турска селекција. 

Ни преостанува уште натпреварот против Грција в недела во „Парк“ во Струмица, а победа ќе ни донесе сигурно прво место во групата и место во вториот шешир во ждрепката кон крајот на јуни во Виена.