Петриќ и Родригез го торпедираа Голден Арт, Вардар лесно до Куп-завршницата

Ракометарите на Вардар 1961 без поголеми проблеми славеа над екипата на Голден Арт (32-23) во финалето од четвртфиналната група 3 во Купот на Македонија и обезбедија учество на завршниот турнир. 

  • Комплетниот натпревар помеѓу Вардар 1961 и Голден Арт: 

Избраниците на Владо Недановски сосема заслужено ќе се борат за вториот најважен трофеј во македонскиот ракомет. Двократниот европски шампион уште во првото полувреме го најави триумфот и водеше со 17-9, додека во вториот дел само рутински ја доработи задачата. 

Неколкумина ракометари кај „црвено-црните“ беа во одличен елемент, а противникот во ниту еден момент не можеше да ја загрози сигурната предност на Вардар 1961. Домашните навивачи беа презадоволни од изданието на своите миленици, кои на крајот сосема заслужено славеа со конечни 32-23. 

Најефикасен во победничкиот состав беше Стефан Петриќ со девет голови, уште осум додаде Родригез Хансер, додека во тимот на Голден Арт најдобри беа Шилегов и Јанковски со по пет погодоци. 

Синоќа пласман на завршниот турнир обезбедија Еурофарм Пелистер и Тиквеш, а последниот патник ќе ни го даде дуелот меѓу Алкалоид и Бутел.