Петковска: Вардар ќе се бори со сите сили против домаќинот

Актуелниот Куп-бранител, екипата на ЖРК Вардар, обезбеди пласман во мечот за трофеј каде ќе се соочи со Куманово. До посакуваното финале, избраничките на Симовски дојдоа со победа над Стружанка, а сега ги чека дуел со домаќинот.

Атмосферата пред натпреварот во „црвено-црниот“ табор е позитивна, а во мечот за трофеј се очекува голема борба за секоја топка, потврдува крилото на ЖРК Вардар, Мими Петковска.

„Задоволна сум од пласманот во финалето. Во полуфиналето наидовме на полесен противник, но не беше ништо така лесно. Финалето беше нешто што очекувавме и го достигнавме. Моите цели се првото место коа што можеме да го добиеме. Куманово е добра екипа со одлична бековска линија и цврста одбрана со добра поставеност. Очекувам тешка и борбена игра од двете страни, секако симпатиите ќе бидат на нивната страна како домакини на овој куп, но за нас тоа не претставува проблем затоа што ја играме нашата игра на најдобар начин. И посакувам многу среќа на мојата екипа и се надевам дека во петок кје славиме победа. Имавме неколку натпревари со Куманово и до некаде ни се познати како екипа и нивната игра и можности. Во одбраната ќе мора да влеземе што е можно поцврсто и да не дозволиме влезови или нафрлувања на пикер“, вели Петковска.

Финалето од женскиот ракометен Куп на Македонија меѓу ЖРК Вардар и Куманово е закажано од 16:00 часот. Вардар ќе го лови својот седми Куп-трофеј, додека за Куманово пласманот во дуелот за титула е дебитантски.