Петка за Георгиевски, ЦСМ Букурешт ја торпедираше Баја Маре

Ракометарите на ЦСМ Букурешт врзаа три победи во серија и во финишот на регуларниот дел од романскиот шампионат играат одлично. Тимот каде игра македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски славеше со убедливи 41-26 против Баја Маре, во натпревар од 25. коло.

Победникот беше решен уште во првиот дел, а предноста изнесуваше 21-9. Во вториот дел домашните без проблем ја одржаа високата разлика и го затворија мечот со конечни 41-26. Најдобар стрелец во победничката екипа беше Рамба со девет голови, а нашиот интернационалец даде пет, исто колку Ротару, Хумет и Манески.

За ЦСМ Букурешт останува да го одигра уште последниот меч од регуларниот дел на гости против Калараши, пред да почне плеј-офот за титулата.