Петар Ненадиќ си заминува од унгарски Веспрем

Српската ракометна ѕвезда Петар Ненадиќ на крајот од сезоната ќе си замине од унгарски Веспрем, соопштија од клубот.

Двете страни не ја продолжија соработката која истекува на крајот од сезоната. Српскиот бек беше дел од Веспрем од 2018 година, каде пристигна од Фуксе Берлин и беше важен дел од тимот кој важеше за еден од најдобрите во Европа.

Досега во кариерата 36-годишниот Ненадиќ одигра 198 натпревари за клубот, а даде 754 гола. Во последните пет години Србинот со Веспрем освои едно унгарско првенство, три Купа на Унгарија и три титули во СЕХА-лигата.

Сепак, минатата сезона, заедно со Дејан Манасков во ростерот, Ненадиќ и Веспрем останаа без најзначаните трофеи. Во финалето на плеј-офот на унгарскиот шампионат најтрофејниот унгарски клуб загуби од ПИК Сегед, а во полуфиналето на Лигата на шампионите потклекна пред Киелце.