Пешевски: Високата и корпулентна зона на Полска може да биде проблем за нас

Жарко Пешевски на тренинг во Краков

Мечот со Полска вечерва е и најава за голема физичка средба, меч на цврсти одбани и атлетски врвни спортисти. Отсекогаш полските ракометари важеле за големи и снажни момци, а ниту денешните репрезентативци не се исклучок. Но, и ние имаме свои сили, па со Жарко Пешевски како ново име на линијата од шест метри, добиваме на сила и на ракометна техника. 

„Против Франција кружните напаѓачи немавме многу простор, а и Полска има ракометари со слични карактеристики. Тие имаат висока и многу корпулентна зона, што ќе биде голем проблем, но и предизвик за нас. Посебно за мене за Столе Стоилов и за Никола Марковски. Мора да бидеме подобри од првиот меч и да издржиме и да возвратиме на секој обид на домашните ракометари“, истакна дебитантот на големите приредби, Жарко Пешевски.

Против Полска, Македонија се надева дека ќе го подобри билансот против домашните селекции на големите натпреварувања. Со исклучок на победата против Србија во Белград во 2012 година, секогаш нашата селекција губела против домаќинот.