Пешевски солиден, Штутгарт до трилер-реми кај Минден

Ракометарите на Штутгарт одиграа реми на гостувањето кај Минден (27-27) и се одржаа над опасната зона во германската Бундеслига. Македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски имаше солидна партија, со три погодоци од четири обиди беше коректен во нерешениот дуел на својата екипа. 

Околу натпреварот, Минден беше тимот кој целосно го контролираше резултатот, ама не успеа да се одлепи и тоа им се одби од глава. Штутгарт успеа да поведе само при првиот гол и со претпоследниот, а во текот на дуелот беше во подредена улога. Сепак, иако поведоа во самата завршница, Пешевски и соиграчите не успеаја да ја одржат победата и ги поделија бодовите. 

Најефикасен играч на средбата беше Рамбо од Минден со девет реализации, Кристјансон со седум и Вајс со шест погодоци за Штутгарт. 

На останатите терени Лајпциг загуби од Мелсунген (29-33), Балинген го шокира Магдебург на гости (26-28), а дербито меѓу Рајн Некар Левен и Фуксе Берлин им припадна на гостите (24-27).