Пешевски скромен, Штутгарт втор пат загуби во Бундеслигата

Ракометарите на Штутгарт го доживеаја и вториот пораз на стартот на Бундеслигата, откако дома беа поразени од Гепинген со 27-34 (11-15). Гостинската екипа наметна свое темпо, константно водеше и сосема заслужено дојде до третото славје во германското првенство. 

По воведната предност на Штутгарт од 2-1, следеше добра серија од 5-0 на гостите. Гепинген презеде резултатска контрола, а иако домаќинот на момент дојде и на гол дефицит, не му дозволи да се врати во игра. Предноста на Гепинген беше константна, и во второто полувреме Штутгарт пријде на гол дефицит, ама пак со добри серии гостите стигнаа до победата. 

Македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски имаше скромен настап, постигнувајќи два гола од четири обиди. Најдобар поединец на теренот беше Хајман од победничкиот табор со девет гола, додека Фатхеичер и Милер од Штутгарт, како и Гуликсен од Гепинген се истакнаа со по шест погодоци.

Вецлар на Филип Миркуловски запиша втор пораз во елитата, откако загуби на гости кај Магдебург (30-26). Македонскиот интернационалец немаше минутажа и беше само на клупата, а неговите соиграчи парираа колку што можеа кај фаворитот. Вечерва победи запишаа и Фуксе Берлин кај Мелсунген (25-33), како и Лајпциг кај Лемго (26-27).