Пешевски остана без четвртфинале, Киелце го надигра Мотор и закажа дуел со ПСЖ

Циндриќ

Познат е противникот на ПСЖ во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Се работи за екипата на Киелце која го одбрани домашниот терен и по ремито на гости, запиша победа против Мотор Запорожје (34-29).

Македонскиот интернационалец Жарко Пешевски остана без пласман во следната рунда, а исто така не доби шанса на денешната средба во Полска.

Талант Душебаев одлично ги подготви своите ракометари кои одиграа мотивирано во првиот дел. Во нападот беа безгрешни и изградија предност од пет гола по првите 30 минути. Тоа беше доволна залиха за полскиот првак во пресрет на остатокот од мечот кој го одигра со послаб интензитет. Алекс Душебаев и Уладзислау Кулеш со по шест погодоци беа најефикасни кај победничката екипа.

Следен предизвик за Киелце ќе биде францускиот гигант предводен од Раул Гонзалез, тим кој е главен фаворит за титулата оваа сезона.