Пешевски најпрецизен од Македонците во Бундеслигата

По повеќе од еден месец откако и официјално беше ставен крај на шампионатот, Бундеслигата ги сумираше статистичките податоци за оваа сезона, а со тоа познато е кој македонски ракометар оставил најсилен впечаток на теренот.

Оваа сезона Македонија ја претставуваа петмина ракометари, од кои еден голман (Мартин Томовски) и четворица играчи во поле. Кога ќе се соберат постигнатите голови, од нашите ракометари најдобра сезона зад себе остави кружниот напаѓач, Жарко Пешевски, постигнувајќи вкупно 58 гола, кои беа доволни само за 87-то место во листата на најдобри стрелци во сезоната.

На второто место меѓу Македонците се најде Филип Талески, кој за Балинген реализира 43 гола (127. место), па следуваат Миркуловски со 42 (129. место) и Филип Кузмановски со 16 погодоци (217. место).

Во листата на стрелците на првото место заврши Исланѓанецот Бјарки Елисон со 215 гола, пред Данците Ханс Линдберг со 202 и Михаел Дамгард со 166 гола.