Пешевски максимален во триумфот на Штутгарт над Гепинген

Штутгарт славеше домашен триумф над Гепинген со 29-26, во рамките на 18. коло од германската Бундеслига. Екипата на Жарко Пешевски одигра натпревар во кој водеше во текот на сите 60 минути, а репрезентативниот пивот беше максимален со четири голови од исто толку обиди. 

Домаќинот во „Порше Арена“ стартуваше подобро и во текот на првото полувреме одржуваше предност од два до три гола. Во продолжението Штутгарт уфрли во брзина повеќе и позитивата растеше и стигна до максимални шест голови. Сепак, Гепинген во последните десет минути беше подобар противник, но не успеа да се прибилижи повеќе од минус три гола. 

Најефикасен играч во победничкиот табор беше Саша Фатичер со седум реализации пред Адам Лон со пет. На спротивната страна по пет голови постигнаа Слишковиќ и Норузинезхад. 

Преостанатите три натпревари од 18. коло се играат попладнево, а на теренот се очекуваат Филип Миркуловски и Мартин Томовски.