Пешевски: Имаме позитива и елан, македонските играчи ќе преземат поголема одговорност

Новиот капитен на Еурофарм Пелистер, Жарко Пешевски, смета дека македонските ракометари треба да преземат поголема одговорност на претстојниот натпревар на „зелено-белите“ против Киелце на гости, во рамки од деветтото коло во Лигата на шампионите.

Пред заминувањето за Полска, Пешевски на средбата со новинарите рече:

„Се подготвуваме напорно за Киелце, „ветер во грб“ ни е одличното второ полувреме кое против нив го одигравме во Битола. Пофалните зборови од Талант Душебаев ни даваат до знаење дека треба уште повеќе да „нагазиш“ и да се покажеш во уште подобро светло и на гостински терен. Доаѓањето на Филип Кузмановски ни даде елан за повеќе да веруваме. Македонските ракометари треба да преземат повеќе одговорност. Имаме Македонци кои знаат да играат во Лигата на шампионите и потпомогнати од интернационалните засилувања, време е да одиграме квалитетни шеесет минути и зошто да не се радуваше.

Киелце ќе излезе во поинаков состав во споредба со натпреварот во Битола. Тука не играа Алекс Душебаев и Сичко, верувам дека сега ќе играат. Спремаме агресивна одбрана за нив, а во напад треба да бидеме трпеливи и се надевам дека ќе бидеме изненадување. Играта „седум на шест“ секогаш ни е опција. Имаме позитива која нè краси во последниот еден месец и на добар пат сме за позитивни резултати“.

Дуелот меѓу Киелце и Пелистер се игра в четврток од 20:45 часот. На нивната прва пресметка победа извојува полскиот тим.