Пешевски и Мотор убедливи против Портовик, подготвени за битка со Загреб и Червар

Тимот на Мотор Запорожје по шести пат оваа сезона забележа убедлива победа во украинскиот шампионат, откако избраниците на Николај Степанец славеа против Портовик Јужњи со 40-24.

Домашните водеа со 19-13 во првиот дел, но во второто полувреме заиграа подобро и предноста беше зголемена на 16 погодоци разлика. Новиот стратег на Мотор во игра ги внесе сите ракометари од ростерот, па освен кружниот напаѓач Кус, сите погодија барем по еднаш.

Македонскиот репрезентативец Жарко Пешевски игра во одлична форма пред репрезентативните натпревари, а на овој меч против Портовик постигна три погодоци.

Следен предизвик за Мотор ќе биде дуелот од Лигата на шампионите против Загреб и поранешниот тренер на Пешевски во Металург, Лино Червар.