Периќ: Во лошо време дојде падот на формата, треба да се собереме за дуелот во Магдебург

По вторпат во сезоната Еурофарм Пелистер врза два порази во низа, а ризикува и трет утревечер во Магдебург. Сепак, неуспесите сега доаѓаат во најчувствителниот дел на сезоната и имаат поголема тежина.

Средниот бек Јосип Периќ е свесен за падот на формата, но верува во реакција на екипата.

„Очигледно е дека падот на формата дојде во најлошо можно време. Треба да се собереме и да одиграме најдобро што можеме против Магдебург во Германија. Мораме тој натпревар да го искористиме за да извлечеме поуки и да смениме што не функционираше во нашата игра и да се вратиме на прав пат, бидејќи ни следат уште многу важни натпревари во краток период“, вели босанскиот плејмејкер. 

Битолчани патуваат попладнево за Германија, а во тимот се враќа Египќанецот Карим Хендави. Тренерот Жељко Бабиќ е позитивен на ковид-19 и нема да ја води екипата. Неговото место ќе го заземе неговиот асистент Божидар Мојсов.