Периќ: Видливо беше дека ни недостигаат играчи, Шведска тоа максимално го искористи

Ракометната репрезентација на Босна и Херцеговина утре со почеток од 18:00 часот против селекцијата на Чешка ќе го одигра вториот натпревар на Европското првенство во ракомет. „Змејовите“ синоќа беа поразени на отворањето на првенството од шведскиот национален тим со резултат 30-18 (17-11).

Јосип Периќ, кој беше автор на еден гол и неколку асистенции, го анализираше натпреварот.

„Шведска е еден од фаворитите за медал на ова првенство, што го покажаа синоќа. Имаа подобра ротација, поширока клупа и генерално многу добри играчи. Мислам дека го дадовме максимумот во овој момент. Ни недостигаат многу важни играчи, што беше видливо на теренот. Бевме на пристојна разлика во добар дел од натпреварот, но на крајот разликата се зголеми. Заслужена победа на Шведска“, изјави Периќ.

Босна и Херцеговина е водена од поранешниот македонски селектор, Ивица Обрван, а покрај натпреварот утре против Чешка, в понеделник ќе се соочи со Шпанија.