Периќ: Овој пораз што побрзо да го заборавиме, нè чека најважниот меч со Вардар

Еурофарм Пелистер не успеа да направи нов подвиг во Европската лига и по пауза од една и пол година е поразен во салата „Боро Чурлевски“. 

Германски Магдебург славенички ја напушта Битола (24-32), а организаторот на играта на пелистерци, Јосип Периќ, вели дека овој пораз мора што побрзо да се заборави, затоа што в сабота ги чека најважниот натпревар оваа сезона против Вардар во Скопје.

„Првото полувреме ја направи таа разлика за противникот да извојува убедлива победа. Потфрливме во сите сегменти во првите триесет минути и во одбрана и во напад. Второто полувреме беше многу подобро, но не беше доволно за поволен резултат. Мораме што побрзо да го заборавиме овој пораз, затоа што в сабота нè чека за нас најважниот натпревар оваа сезона, против Вардар во Скопје“, изјави Периќ.

Периќ на мечот со германскиот гигант зад своето име запиша три гола, сите постигнати во вториот дел.