Периќ: Од денес сум дел од Пелистер, се надевам на многу заеднички успеси и титули

Не требаше да помине многу време по најавата за заминување на Ловро Јотиќ, за Еурофарм Пелистер да ја официјализира неговата замена. Откако минатата година доведе ракометар на поранешниот европски првак ППД Загреб, поранешниот шампион на Македонија сега потпиша со ракометар од Бундеслигата.

Јосип Периќ потпиша договор на две години и во иднина ќе ја организира играта на битолчани. 27-годишниот Босанец од својата земја упати видео порака до своите нови симпатизери во Македонија.

„Ги поздравувам сите навивачи и пријатели на Еурофарм Пелистер од Битола. Со задоволство ве информирам дека од денес и јас сум дел од вас. Се надевам дека ќе оствариме многу успеси и заеднички ќе прославиме многу титули. Дотогаш, се гледаме во Битола“, порача Периќ.

За Периќ беа заинтересирани клубови од Германија, Романија и Полска, но македонскиот клуб одамна стапи во контакт со ракометарот и ги договори условите за доаѓање во Битола. 

Со Танкоски и Периќ, Еурофарм Пелистер веќе има замени за Владислав Остроушко и Ловро Јотиќ кои си заминаа. Битолскиот клуб го напушти и вториот украински репрезентативец Олександр Шевелев.