• Мартин Танасковски
Европскиот ракометен вицепрвак Вардар ја затвори првата фаза од ракометната Лига на шампиони со максимален учинок. Избраничките на Дибирова во еден возбудлив натпревар, со 29-20 (12-12) го совладаа германски Турингер и со шест победи на шест меча и максимален број на бодови патуваат во наредната рунда.
Вардарки одиграа едно полувреме во грч, но затоа во вториот дел го покажаа вистинското лице. На играта влијаеше и фактот дека Турингер беше дојден со само девет ракометарки (две голманки и седум ркаометарки) и во второто полувреме како да снема сила да се носи рамо до рамо со моќниот ривал. Во наредната фаза, поради шесте победи на шесте меча, Вардар патува со максимални осум бода.
Германките иако десеткувани, добро се држеа до македонскиот првак во првиот дел од мечот. Во 16. минута на семафорот во „Јане Сандански“ стоеше 7-6, а откако не реализираа напад за 7-7, Вардар направи серија од 2-0 преку Пенезиќ и Цвијиќ, за предност од 9-6. Лејно исто така блескаше меѓу стативите, што донесе и предност од 10-6, но во продолжението од мечот следеа грешки во напад кои Турингер ги искористи.
Најпрво, поради пробивање на Цвијиќ и промашен напад на Керамичиева, која првпат доби шанса да влезе во игра, Турингер дојде на 11-9, а потоа, до полувремето, поради ново пробивање и погодена статива на Саздовска, гостинките од Германија успеаја да изедначат и на 12-12.
Тоа како да ги налути вардарки, па мотивирани да покажат што знаат пред речиси исполнетата сала, тргнаа агресивно во вториот дел од мечот. По десет минути игра веќе „црвено-црните“ имаа пет гола предност (20-15), а откако гостинскиот тренер се обиде да форсира тактика „7 на 6“, следеше и предност од 23-15 за вардарки. Голем удел во градењето на предноста имаше и Инна Суслина, која одбрани три напади во клучните моменти.
Во последните десет минути македонскиот шампион влезе со предност од шест гола (24-18), а откако Инна Суслина влезе повторно во елемент, Вардар со атрактивни погодоци на Лакрабер дојде и до 27-19, највисока предност во мечот, која се задржа и до финишот (29-21).
Најдобра ракометарка кај Вардар беше Александра Лакрабер со седум гола, а ја следеа Јованка Радичевиќ со шест и Полина Кузњецова со пет гола. Кај Турингер, Ивета Лузумова заврши со шест гола.