• Зоран Мишевски

Одморна откако не учествуваше со Хрватска на ракометниот мундијал во Данска, Андреа Пенезиќ едвај чека да почнат натпреварите од ракометната пролет во Лигата на шампионите. ЦСМ Букурешт е тим кој предизвикува респект кај „црвено-црните“ и со тоа ризикот да се потцени противникот е сведен на минимум.
„Се надевам дека и ние добро ќе ја почнеме оваа 2016 година. Нѐ чека тежок натпревар, Букурешт има одлична екипа и сигурно дека не очекуваат 60 тешки минути полни со неизвесност. Но сме спремни, имавме време и да анализираме и да се одмориме и да се подготвиме. Мора да покажеме заби на тој натпревар, никој не смее да си игра во нашиот дом. Се надевам дека ќе бидат полни трибините, зошто ќе ни треба поддршката“, изјави Пенезиќ.
Мечот на македонскиот шампион и вицешампионот на Романија се игра утре од 17.30 часот, а голем дел од билетите за натпреварот не се продадени.