Пелко: Исполнување на сонот е да добиеш шанса да играш за Вардар

Без многу помпа и со одмерени и не многу звучни имиња, европскиот првак Вардар го реализира цел преоден рок ова лето. Пристигна млади и искусни имиња, но сите компитабилни за системот на игра на вардарци.

Денес, клубот го претстави новиот кружен напаѓач, Словенецот Домен Сикошек Пелко. Неговите први импресии од новата средина беа позитивни и ентузијастички. 

„Голема чест и задоволство е кога може да ти се исполнат соништата и да добиеш шанса да играш за европски првак и институција каква што е Вардар. Знам дека ме чека уште многу сериозна и напорна работа и докажување, но и сигурен сум дека ќе дадам се од себе, па и повеќе од 100 отсто. Се радувам на соработката со тренерот Давид Писонеро и со нетрпение го очекувам почетокот на подготовките. Доаѓам од Словенија од ракометното школо на РК Требње, а од таму потекнува и мојот сонародник Сташ Скубе, па сигурно тоа и ќе ми помогне околу адаптацијата во тимот“, вели Скикошек Пелко.

Иако се спомнуваат уште неколку имиња, најверојатно со ангажманот на Пелко, Вардар го затвори преодниот рок и новиот стручен штаб наскоро ќе ја објави програмата на подготовки за првите големи испити ова лето - Суперкупот на Македонија и ИХФ Суперглоуб.