Пелистерки го загубија првиот меч од Наиса, реваншот е шанса за одмазда

Во првиот меч од осминафиналето во Челинџ Купот, ЖРК Пелистер одигра рамноправно во поголемиот дел од натпреварот, но на крај загуби од Наиса Ниш (26-33). Шанса за место меѓу најдобрите осум екипата од Битола ќе бара утре кога се игра реваншот. 

Србинките тргнаа подобро и го добија почетното испитување на силите. Постигнаа четири гола за неполни пет минути и му покажаа заби на противникот. Тоа не ги заплаши избраничките на Викторија Блажевска кои одговорија со своја серија и одиграа храбро во продолжението од првото полувреме. По 20 минути игра дури и поведоа, а успеаја и да стигнат до 11-9 што предизвика паника кај гостинот на денешната средба.

Последните десет минути од полувремето донесоа игра со многу грешки, а заморот кај двата тима беше очигледен и си го направи своето. „Зелено-белите“ постигнаа само два гола и му дозволија на Наиса да стигне до минимална предност од 12-13 по воведните 30 минути игра.

Одлуката околу победникот ја донесоа првите пет минути од продолжението. Тимот од Ниш направи серија од 4-1 и побегна на 13-17 што беше најава на лошиот период на пелистерки. Како и во првиот дел, македонскиот претставник се врати во игра и намали на пристојна разлика, но немаше сили да го задржи високото темпо на игра, па на крај доживеа висок пораз. 

Најефикасни меѓу ракометарките на Блажевска беа Чокели и Јанкуловска со шест погодоци, пет гола постигнаа Милосављевиќ, а со по две реализации завршија Белевска и Каранфиловска. Голманката Дурланова го заврши мечот со десет одбрани, меѓу кои и еден седмерец.

Победникот од овој двобој ќе се дознае утре во 18:00 часот кога е закажан реваншот. Пелистер и на тој меч ќе биде гостин со оглед на тоа што ќе се игра во истата сала во Ниш.