Пелистерки го совладаа Вардар во Битола, голем триумф на Металург во Куманово

Ракометарките на ЖРК Пелистер приредија големо изненадување и по серија на порази го победија ЖРК Вардар во едно од двете дерби средби од претпоследното коло. На дуелот во спортската сала „Боро Чурлевски“ во Битола, домашната екипа славеше со 25-22 (14-12). Екипата на Викторија Блажевска напредуваа на табелата, впишувајќи значајни домашни бодови. 

Раиф и Јанкуловска со по шест гола беа најефикасни во победничкиот табор, а Седлоска постигна пет гола кај „црвено-црните“. 

Ракометарките на Куманово пред своите гледачи загубија од ЖРК Металург со 22-30 (11-14) и ја пропуштија можноста првпат сезонава да се искачат на лидерската позиција на табелата. Најефикасни во кумановскиот табор беа Александра Боризовска со седум и Мила Трајковиќ со шест гола, додека во победничката екипа на Леонида Гичевска со седум и Јана Калајџиевска со шест погодоци беа најпозитивни.

Овче Поле убедливо загуби од Стружанка со 24-43, а Маркоска со десет и Јовичанец и Јованоска со по седум гола беа најзаслужни за триумфот.

Металург на едно коло до почетокот на плеј-офот е лидер со 45 бода, пет повеќе од Куманово. На табелата следуваат ЖРК Вардар и Стружанка со по 34 бода и Пелистер со 33 бода.