Пелистерци во Маврово ја „билдаат“ формата и чекаат вести од Загреб за старт на СЕХА

Вторпат оваа година ракометарите на Еурофарм Пелистер заминаа на базични подготовки во Маврово и од средата во спокој се подготвуваат за добри вести од седиштето на СЕХА лигата и почеток на регионалното натпреварување.

Бабиќ им даде неколку слободни дена пред заминувањето во Маврово, па пак им закажа неколку тренинзи и јакнење на тимскиот дух и хемијата во составот во отсуство на тест натпревари. Од враќањето од Атина битолчани немаат официјални натпревари, а не може ни да играат тест натпревари со македонски суперлигаши, бидејќи тие досега пречесто играа првенствени кола, а од денес и групата А е ставена во мирување заради ковид-позитивни случаи.

Пелистерци во Маврово ќе останат до среда, а потоа во зависност од вестите за почеток на СЕХА лигата ќе одлучат како ќе се подготвуваат. Следната недела ќе ги дознаат и противниците и „возниот ред“ за Европската лига, која е предвидена за почеток кон крајот на следниот месец.

Марин Вегар и Марио Танкоски ги лекуваат повредите на рамото односно зглобот и се очекува за десетина дена да бидат целосно подготвени за настап. Во јулските и августовските натпревари Еурофарм Пелистер извојува победи на сите натпревари, но загуби во последниот дуел со АЕК Атина во Грција.