Пелистерци убедливи и против Дубочица за „три од три“ во Регионалната лига

Ракометарите на Еурофарм Пелистер стигнаа и до третата победа во Регионалната лига, бидејќи во мечот од групата А против Дубочица славеа со 38-24 (18-13). Натпреварот кој се одигра во салата „Боро Чурлевски“ во Битола мина целосно во знакот на македонскиот вицепрвак. Тимод од Битола по победите над Партизан и Ловќен славеше и во третиот дуел за крај на оваа мини-серија од новото натпреварување.

Стартот им припадна на гостите кои поведоа со 1-4, па пелистерци мораа да се „будат“. Успеа тимот предводен од Лино Червар да се врати во мечот, ама беше во негатива до 18. минута од средбата, а потоа со пет врзани гола на Атанасијевиќ, Калајџиески и Кузмановски стигна до пресврт и 13-10. Во продолжението битолчани го зголемија водството и на одмор заминаа со „плус пет“ (18-13). 

Веќе на стартот на второто полувреме беше целосно скршен гостинскиот отпор. Со добра игра во нападот и цврста одбрана битолскиот тим почна да гради предност (25-17). Иако ривалот намали на шест гола негатива, Еурофарм Пелистер целосно го откажа ривалот со серијата од 4-0 од 49. до 53. минута со која стигна до двоцифрени 33-21. До крајот работата за момците на Червар беше рутинска и сè се заврши со висок триумф. 

Најефикасен играч во победата на пелистерци беше Петар Атанасијевиќ со 11 реализации, додека со осум помогна и капитенот Филип Кузмановски. Кај Дубочица се истакна Ристовиќ со пет гола.