• Иван Димовски

Ракометарите на Еурофарм Пелистер забележаа победа над Бутел Скопје (38-28) во 30. коло на плеј-офот во Суперлигата на Македонија. Неполни 24 часа по натпреварот против Вардар во Скопје, битолчани сигурно славеа против аутсајдерот во салата „Боро Чурлевски“ на две рунди пред крајот.
- Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Бутел:
На овој натпревар младиот тренер Алексо Лембанов играше со доста ротации, но и покрај тоа пелистерци одлично отворија. Бргу почна да се стекнува предност, поведе домаќинот со 5-2, а тогаш Бутел имаше мини-налет и се врати до 5-4. Се одржуваше гостинот кратко на пристојна дистанца, ама бргу Еурофарм Пелистер почна да се одлепува. Бргу на семафорот стоеше 10-5, ама Бутел пак не се откажа. Тимот на Горан Кузманоски намали на три разлика, но тоа беше сè што покажа на план на конкурентност. Уште во првиот дел пелистерци стекнаа висока двоцифрена предност, па на пауза се замина со 22-12, а на момент домашните водеа и со 11 гола.
Во продолжението од средбата битолчани играа на рутина, не му дозволија на помладиот ривал да се врати резултатски, а постепено водството почна и да расте. Во завршните петнаесет минути разликата се зголеми на повеќе од десет гола, најмногу домаќинот водеше со 14 разлика, а на крајот победи со 38-28.Капитенот Филип Кузмановски и Петар Атанасијевиќ натпреварот го завршија со по осум погодоци зад своето име, а исто толку даде и Тодор Узунчев од редовите на Бутел.

