• Редакција Gol.mk
Екипата на Еурофарм Пелистер поднесе жалба за судењето на мечот против Вардар 1961 кој се одигра во финалето од Купот на Македонија.
Мечот го добија „црвено-црните“ со еден гол разлика, а пелистерци се жалат на една од последните одлуки на судиската двојка Николовски - Металари. Вардар имаше еден гол предност, а во последниот напад на вардарци, Филип Талески имаше шут, кој, според пелистерци, е направен по одлука за пасивен напад на арбитрите со намера да се потроши време.
Еурофарм Пелистер се повикува на правилото број осум на ИХФ и тврди дека прекршени биле новите пропозиции според кои секој потег во последните триесет секунди од мечот кој на било каков начин задржува или троши време автоматски значи седмерец и црвен картон за противникот.
- Моментот за кој Еурофарм Пелистер поднесе жалба:
Слична ситуација, според пелистерци, постоела на натпреварот меѓу Тиквеш и Еурофарм Пелистер во Кавадарци, на кој исто така судеа Металари и Николовски, кога на десет секунди пред крајот Хосни задржа време во последен напад, потег за кој играчот на „зелените“, Мохамед Суси доби црвен картон, а Тиквеш - пенал.
Ова е трета жалба која Еурофарм Пелистер ја поднесува до РФМ оваа сезона. Претходно, пелистерци се жалеа по дербито со Вардар во Скопје, а потоа и на арбитражата во мечот со Алкалоид.