Пелистерци победнички ја завршија шампионската сезона

Екипата на Еурофарм Пелистер ја затвори успешната сезона со победа над Тиквеш на домашен терен (35-26), на дуелот кој беше од славенички карактер затоа што „зелените“ ја добиваат титулата пред својата публика.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер и Тиквеш 2014:

Мечот се играше без притисок, а делуваше како ревијален. Немаше грубости во одбраните, исто така фалеа и голмански интервенции, а играчите често се одлучуваа на атракции кога доаѓаа во позиција да постигнат гол. На овој дуел недостасуваа неколку играчи на Еурофарм Пелистер поради болест, ама и тоа не беше проблем да се победи. Во „Боро Чурлевски“ се поздрави и последната генерација со која пелистерци освоија титула, од сезоната 2004/05 во која играа имиња како Јовиќ, Манасков, Димовски, Маљцев, браќата Мојсовски, Поповски... а тренер беше Звонко Шундовски.

Константно Еурофарм Пелистер и Тиквеш беа во егал, играа меч рамо до рамо, а на полувремето гостинот имаше предност од еден гол (16-17). Ова полувреме беше најефикасно во мечевите на овие два тима. Во вториот дел битолчани додадоа „гас“ кога од 20-20, успеаја да заминат на 23-20, тоа беше првиот чекор кон победата, која се потврди со уште една мини-серија за 32-25.

Најдобар стрелец кај победникот беше Ненад Костески со седум гола, пред Петар Атанасијевиќ со шест гола, додека Усама Хосни стрела пет пати. Кај Тиквеш, Лазар Петровиќ имаше шест, а Кристијан Анастасовски стрела пет пати. Еурофарм Пелистер сезоната ја заврши со 13 победи и еден пораз од Вардар 1961 во плеј-офот. Во еврокуповите од македонскиот шампионат ќе играат уште Вардар 1961, Алкалоид и Тиквеш.

Ракомет
Суперлига 2022/23
Плеј-оф (14. коло)

Еурофарм Пелистер – Тиквеш 35-26 (16-17)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Гледачи: 4.000
Судии: Даниело Божиновски и Виктор Начевски

Еурофарм Пелистер:
Лесјак, Кизиќ, Кузманоски 4, Кисум, Радовиќ, Танкоски 2, Хосни 5, Костески 7, Дејвис, Кукоски 2, Велковски, Петар Атанасијевиќ 6, Пешевски 4, Хенеберг 2, Павле Атанасијевиќ, Стевановиќ 3 
Седмерци: 3/2
Исклучувања: 2 минути

Тиквеш:
Брауновиќ, Стојановски, Анастасовски 5, Постолов 2, Темелковски, Велков, Соколов, Стефановиќ 1, Димовски 1, Кондев 1, Окардов, Шулески 1, Коцев 1, Симиќ 4, Хамзиќ 4, Петровиќ 6 
Седмерци: 1/0
Исклучувања: 8 минути