• Горан Упале
Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува нов сериозен предизвик на европската сцена. Битолчани ќе гостуваат кај германски Гумерсбах во натпревар од третото коло во групната фаза на Европската лига на ЕХФ.
Македонскиот вицешампион ќе се обиде да стигне до првата победа во натпреварувањето, откако во првото коло загуби на домашен терен од Ла Риоха со 24-31, а потоа ремизираше на гостувањето кај Гдањск (31-31). Освоениот бод во Полска е добра основа за битолчани, но сега ги очекува гостување против ривал кој има високи амбиции во групата.
Гумерсбах, од друга страна, досега има половичен учинок. Германците на отворањето загубија пред своите навивачи од Гдањск со 34-38, но потоа се вратија на победничкиот пат со триумф од 34-30 на гостувањето кај Ла Риоха.
Јасно е дека домашниот состав ќе ја има улогата на фаворит, особено по последниот резултат во Шпанија, но Еурофарм Пелистер има свои адути и ќе се обиде да приреди изненадување. Битолчани во летниот преоден рок направија значителни промени во играчкиот кадар, а искусниот Лино Червар доби задача да изгради конкурентен тим за домашните и европските предизвици.
По две одиграни кола, Гдањск е лидер во групата со три бода, додека Гумерсбах и Ла Риоха имаат по два, а Еурофарм Пелистер е на еден бод. Секој следен резултат може значително да ја промени ситуацијата во групата, па бодовите од ова гостување би имале големо значење за македонскиот претставник.



