Пелистерци „летаат“ со струшките крила: Кузманоски во Битола до 2025 година!

Освојувачот на Суперкупот на Македонија и еден од двата фаворити за домашните трофеи сезонава, Еурофарм Пелистер и Цветан Кузманоски го официјализираа новиот договор до јуни 2025 година.

Стружанецот игра одлично на почетокот на сезоната и челниците на битолскиот гигант веднаш му укажаа доверба со долгогодишен договор. 

„Ова е моја трета сезона во Битола. Задоволен сум, се навикнав на оваа  средина. Голем напредок во кариерата ми е што се префрлив во првиот тим, стигнав и во репрезентација и се надевам дека оваа сезона ќе ја оствариме нашата цел, да ги донесеме титулите во Битола“, рече левото крило на Еурофарм Пелистер и репрезентацијата на Македонија. 

22-годишниот стружанец ја игра третата сезона во Битола, откако дојде од матичната Струга. Од оваа сезона е член на Еурофарм Пелистер, откако претходно се наметна во Еурофарм Пелистер 2.

Вчера својот договор го продолжи и десното крило, исто така репрезентативец, Ненад Костески.