Пелистерци ќе го предизвикаат европскиот првак во ЛШ

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги очекува едно од најтешките гостувања во сезоната, бидејќи одат на мегдан кај европскиот првак Магдебург во шестото коло на Лигата на шампионите. 

На натпреварот во Германија пелистерци немаат што да загубат, само можат да добијат доколку се надминат себеси и изненадат против гигантот. Магдебург е клуб во најдобра форма во елитното натпреварување. Германскиот колектив досега е максимален по пет кола, а веќе ги победи главните ривали во групата Барселона и ПСЖ, па против македонскиот првак сака да ја продолжи одличната серија. 

Од друга страна, Еурофарм Пелистер по стартната победа над Загреб врза четири неуспеси. Покажаа избраниците на Рубен Гарабаја дека можат да се носат и со големците, иако губеа од ПСЖ, Барселона, па и ГОГ и Висла. Не е реално битолчани да се надеваат на бодовите против силниот Магдебург, меѓутоа спортски е да се надеваат и со сигурност имаат мотив за докажување на средбата во Германија. 

Мечот меѓу Магдебург и Еурофарм Пелистер се игра вечерва со почеток во 20:45 часот.