ФОТО: Пелистерци испратија порака за поддршка на повредениот Кузманоски

Македонските репрезентативци немаат среќа со повредите сезонава. По скинатите лигаменти на Ненад Костески во 2024 година, од иста повреда страдаа и Марко Митев од Алкалоид и Цветан Кузманоски од Еурофарм Пелистер

Пред почетокот на дербито меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар 1961, домашните ракометари излегоа со маичка за поддршка на Кузманоски, кој наскоро ќе мора „под нож“. Стружанецот и неговите најблиски од трибините го следеше дуелот во преполната сала „Боро Чурлевски“. 

Кузманоски се повреди на мечот со Бутел минатиот четврток. Уште на прв поглед повредата изгледаше сериозно и застрашувачки, а еден од капитените на тимот Жарко Пешевски на раце го изнесе помладиот соиграч.

За заздравување од оваа сериозна повреда на младото крило ќе му биде потребна долга пауза. Кузманоски ќе биде надвор од терените најмалку половина година бидејќи ќе оди на операција. Во најлош случај паузата може да потрае и до девет месеци, во зависност од неговата физичка состојба при заздравувањето.